ВОДИЧ ЗА ИНВЕСТИТОРИ

Одобрение за градење во Македонија: чекор по чекор

·Инком Инженеринг

Без одобрение за градење не смее да се почне ниту една нова куќа, доградба или надградба. Постапката изгледа сложена, но кога ќе се знае редоследот, станува јасна. Еве ги чекорите според Законот за градење.

Кој го издава одобрението?

Тоа зависи од категоријата на објектот:

  • ►Објекти од прва категорија (поголеми објекти од државно значење): го издава органот на државната управа надлежен за просторно планирање (член 58).
  • ►Објекти од втора категорија, каде спаѓаат и семејните куќи: го издава градоначалникот на општината каде се гради (член 58).

Чекор 1: Проверете што смеете да градите

Пред да почнете со проект, треба да знаете што дозволува урбанистичкиот план за вашата парцела: колку катови, колкава површина, кои растојанија. Тоа го дознавате од извод од урбанистички план, кој го барате од општината.

Чекор 2: Геодетски елаборат

За барањето е потребен геодетски елаборат за парцелата (член 59). Го изработува овластен геодет и ги прикажува точните граници и состојбата на теренот.

Инком Инженеринг соработува со геодетска фирма, па геодетскиот елаборат го добивате преку нас заедно со проектната документација. Не морате сами да бараате овластен геодет.

Чекор 3: Идеен проект

Архитектот изработува идеен проект: форма, распоред и изглед на куќата. Тука се носат речиси сите важни одлуки, па вреди да не се брза.

Чекор 4: Основен проект

Врз идејниот се изработува основниот проект: архитектура, конструкција и инсталации. Тој е задолжителен дел од барањето за одобрение за градење.

Чекор 5: Ревизија на основниот проект

Основниот проект мора да помине ревизија (член 21). Ревизијата ја врши ревидент со соодветно овластување, вработен во правно лице со лиценца за ревизија. Ревидентот ја проверува особено механичката отпорност, стабилноста и сеизмичката заштита, и издава писмен извештај. Без извештај за ревизија барањето не е комплетно.

Чекор 6: Барање преку е-одобрение

Барањето се поднесува електронски, преку системот е-одобрение за градење (член 59). Со него се приложуваат:

  • ►основниот проект со извештај за ревизија;
  • ►позитивно мислење за механичка отпорност и стабилност;
  • ►идејниот проект, ако претходно сте го поднеле;
  • ►доказ за право на градење (на пример имотен лист);
  • ►геодетски елаборат.

За некои објекти се бараат и дополнителни документи, на пример согласност од конзерватори ако парцелата е во заштитена зона.

Чекор 7: Проверка и издавање

Во рок од пет работни дена од приемот, надлежниот орган проверува дали барањето е комплетно и усогласено (член 59). Ако нешто недостасува, ќе побара дополнување. Потоа следи издавањето на одобрението.

Во пракса, од поднесувањето на барањето до добивање на одобрението за градење обично поминуваат 6 до 12 месеци. Точниот рок зависи од комплетноста на документацијата, усогласеноста со урбанистичкиот план и темпото на надлежниот орган.

Најчести грешки што ја продолжуваат постапката

  • ►Проект што не е усогласен со урбанистичкиот план.
  • ►Нерешени имотни односи на парцелата.
  • ►Недостасува извештај за ревизија или мислење за механичка отпорност.
  • ►Стари или неточни геодетски податоци.

Ние ја водиме постапката

Инком Инженеринг ги изработува идејниот и основниот проект, ја организира ревизијата и ја води постапката до одобрение за градење. Повеќе за услугата: проектирање и ревизија. Ако планирате градба, опишете ни го проектот.

Текстот е информативен и се базира на Законот за градење. Законот повремено се менува, па за конкретен случај проверете ја важечката верзија или прашајте не.

Често поставувани прашања

Кој издава одобрение за градење за куќа?

За објекти од втора категорија, каде спаѓаат семејните куќи, одобрението го издава градоначалникот на општината.

Кои документи ми требаат за одобрение за градење?

Основен проект со извештај за ревизија, мислење за механичка отпорност, доказ за право на градење, геодетски елаборат и идеен проект ако претходно сте го поднеле.

Дали барањето се поднесува електронски?

Да, преку системот е-одобрение за градење.

Колку време трае добивање на одобрение за градење?

Од досегашната пракса, вообичаено 6 до 12 месеци од поднесувањето до добивањето на одобрението, во зависност од комплетноста на документацијата, усогласеноста со урбанистичкиот план и темпото на надлежниот орган.

Кој го изработува геодетскиот елаборат?

Овластен геодет. Инком Инженеринг соработува со геодетска фирма, па геодетскиот елаборат го добивате преку нас заедно со проектната документација.

Побарајте бесплатна консултација

Тимот на Инком Инженеринг ќе ви помогне да го изберете вистинскиот пристап за вашиот проект.

Контактирај нè →